Интерен проект ,,Рака за рака со семејството”

Во рамките на училиштниот интерен проект „Рака за рака со семејството“, месецот ноември беше посветен на часови и предавања од страна на родителите.

Беа одржани голем број предавања од родителите поврзани со разни професии.

Во рамките на прво 1 и 2 одделение вработен родител во Град Скопје им организираше на учениците запознавање со работата на еден пожарникар, а вработен родител во Дирекцијата за спасување и заштита, малите првачиња ги запозна со начинот на намалување на закани од поплави. Во I-3 одделение, гостин беше родител психолог, кој одржа работилница на тема „Да бидеме добри другари!“. Заеднички разговараа за другарство, слушаа приказна за емпатија, препознаваа која ситуација каква емоција може да им предизвика, направија дрво на другарство и си подарија алка на пријателство.

Во II-2 одделение родител атлетичар организираше натпреварувачки игри и спортски активности за учениците, а наставник-родител во II-1 одржа интересен час за справување со агресивно однесување и препознавање агресивно наспроти неагресивно однесување. Кратко предавање поврзано со темата „Основи на форма и боја“ одржа исто така родител од II-3 одделение. Учениците преку интересни примери и активности научија дека предметите можат да се нацртат полесно кога прво ќе се прикажат како едноставни 3Д форми и како се комбинираат различни бои.

Учениците од III-1 одделение се запознаа со работата на забните техничари, преку посета на забната ординација Royal Dental Lap – Smile Archites, ја разгледаа лабораторијата и ја набљудуваа опремата и материјалите што се користат при изработка на забни модели. Во III-2 со помош на родител вработен во Ургентен центар учеа како правилно да се грижат учениците за нивното здравје, но и како во иднина да се заштитат од заразните болести. Родител – сообраќаец во III-3 одделение одржа презентација преку која учениците учеа како детето треба да се однесува како пешак, во автомобил или на велосипед, тротинет и ролери.

Родители од IV-2 одделение во училиштниот двор реализираа заеднички игровни активности со учениците и нивната наставничка исполнети со смеа, дружба и убави забавни мигови. Преку презентација на родител од IV-1 одделение кој се занимава со пчеларство им презентираше на учениците активности и презентација за конзумирање на мед, саќе и матична млеч. Учениците се засладија и ја научија полезноста од конзумирањето на здрави производи во секојдневниот живот за подобрување на имунитетот во периодот на настинки и вируси.

Ученици од V-2 одделение се запознаа со работата и професијата на доктор вработен во итната медицинска помош, а во V-1 со работата на еден аптекар.

Во II, III, IV и V-4 одделение учениците заеднички час следеа од родител аптекар кој ги запозна учениците со својата професија и со значењето на лековите за нивното здравје.

Искрено им благодариме на сите родители кои активно учествуваат во воспитно-образовниот процес во нашето училиште. Вашата поддршка, соработка и посветеност се од огромно значење за успехот и напредокот на нашите ученици.

Нека вашиот пример биде поттик за уште поголемо вклучување и придонес на сите родители, заедно создавајќи подобро и поуспешно училишно опкружување.

Благодариме што сте дел од нашата заедница!