Учество во меѓународен проект ,,Училница со ретка добрина”

Во рамки на меѓународниот проект „Училница со ретка добрина“ организиран од Здружението на одделенски наставници, беа организирани работилници со учениците од прво и трето одделение по повод 28 февруари – Ден на ретки болести. Активностите беа насочени кон запознавање на децата со поимот ретки болести, развивање свест за нивното постоење и разбирање дека лицата со ретки болести се дел од нашето секојдневие.

Целта на проектот е да се поттикне развој на хуманост, разбирање и подготвеност за помош, создавајќи училница исполнета со добрина, почит и прифаќање на различностите.

Активноста во прво одделение започна со воведно објаснување на поимот „ретки болести“ и значењето на 28 февруари – Ден на ретки болести, дознаа што претставува ретка болест, каква поддршка им е потребна на лицата кои живеат со таква состојба и како треба да се однесуваме доколку сме во нивна близина. Особен акцент беше ставен на емпатијата, разбирањето и пријателството како најсилна поддршка што можеме да ја понудиме. Потоа следеше читање и интерпретација на приказната „Малата ѕвезда наречена Јонус“. Преку содржината на приказната учениците се запознаа со девојче со ретка болест кое доаѓа во ново одделение и начинот на кој таа била прифатена. На крај учениците изработија мали ѕвездички од кои создадоа една голема ѕвезда како симбол дека, иако се различни, сите имаат исти желби, потреби и право на среќно детство. Големата ѕвезда ја осветлија како порака дека секоја ѕвезда – секое дете – сјае на свој начин и ја разубавува својата училница.

Во трето одделение започна со краток вовед во темата преку апликацијата Notebook LM беше изработена презентација со акцент на значењето на различностите и нивното прифаќање во училишната средина. Преку дигиталната сликовница ,,Ретките се силни” со акцент за ретките болести, учениците се запознаа со значењето на 28 февруари – Ден на ретки болести, ги проширија своите постоечки знаења за  ретките болести, со цел развивање на  свесност за различностите, разбирање  и чувствителност кон предизвиците со кои се соочуваат одредени лица во секојдневниот живот со ставање на акцент на стекнување на емоционална писменост и емпатија.

* Потоа следеше читање и интерпретација на приказната ,,Ретко значи специјално ” изработена со помош на апликацијата Storybook. Се зборува за Искра ученичка во трето одделение која ретко си игра со нејзините другарчиња поради слабоста на зглобовите. Приказната раскажува како нејзините другарчиња и помагаат и ја прифаќаат.  Исто така учениците проследија и презентација Срце и ум: ,,Патување низ емоционална писменост”.

Активноста беше реализирана во три дена. Овие часови и работилници придонесоа за развивање на емоционалната писменост и продлабочување на емпатијата и меѓусебното разбирање кај учениците . Преку анализа, дискусија и соработка, учениците научија дека различноста не е причина за осуда, туку можност за учење, растење и градење похумана и поддржувачка училишна заедница.

Учениците изработија пеперутки на кои напишаа важни и значајни пораки и истите ги користеа за изработка на постер кои ќе биде поставен во холот на нашето училиште. Преку него испратија порака за љубов, поддршка и надеж. Ретко не значи помалку важно. Ретко не значи поразлично во вредност. Ретко значи посебно. Зад секоја ретка болест, стои едно храбро срце. А, зад секое храбро срце стои потреба од разбирање. Да шириме емпатија. Да учиме за прифаќање. Да бидеме глас на поддршката….