Посета на противпожарна бригада на Град Скопје

Денес, во нашето училиште, гостуваше екипа од Противпожарната бригада на Град Скопје. Поводот беше едукативна посета за учениците од прво одделение, со цел да се запознаат со работата на пожарникарите и нивната важна улога во заштитата и спасувањето на луѓето и имотот.

Посетата се реализираше во склоп на примена на програмата за самозаштита кај учениците, вклучување во проект за соработка со семејствата и интеграција со наставната програма по општество за возила со предност на поминување и професии на луѓето.

Пожарникарите пристигнаа со своето возило и на учениците им покажаа дел од опремата што ја користат при интервенции. Децата со голем интерес ги следеа објаснувањата и поставуваа прашања.

Највозбудлив дел од посетата беше практичната вежба – учениците имаа можност, со помош на пожарникарите, да учествуваат во прскање со црево и да почувствуваат како изгледа нивната работа во вистински услови.

Посетата помина во весела и едукативна атмосфера. Оваа активност придонесе за збогатување на нивните знаења и поттикна чувство на почит и благодарност кон лицата кои секојдневно се грижат за нашата безбедност.