Со голема радост, но и огромен долг, денеска чествуваме и се навраќаме кон еден од најсветлите денови во нашата македонска историја, 5 Мај 1945 година кога со Решение на Народната влада на Федерална Македонија е усвоена азбуката на македонскиот литературен јазик!
Кодификацијата на македонскиот јазик е поврзана со следниве историски настани:
-со Решението на Првото заседание на АСНОМ (2 август 1944) за воведување на македонскиот како службен јазик во македонската држава;
-со Решението на Президиумот на АСНОМ од мај 5 Mај 1945 година за Mакедонската азбука;
-со официјалното усвојување на Mакедонскиот правопис – 7 Jуни 1945.
Кодификацијата е прифаќање и систематизација на јазични правила и закони и пропишување задолжителна јазична норма. Таа претставува значаен чин во историјата на еден народ. Кодифицираниот јазик е нормиран јазик.
Македонската азбука е официјално писмо на територијата на Република Македонија. Базирана е врз кирилицата со одредени модификации приспособени на македонскиот фонетски систем. Современата македонска азбука се базира врз кириличната азбука на д-р Крсте Петков- Мисирков, ненадмината личност во македонската историја и прв кодификатор на македонскиот јазик кој вели:
„Таква милост кон нашиiо народен iазик требит да имаме и ниiе, ако сакаме да останиме верни на дуот на нашите предедовци. Милоста кон народниiо iазик iет наш долг и наше прао. Ниiе сме должни да милуаме нашиiот iазик, зашчо тоi iет наш, исто така, као шчо ни iет наша таткоината ни.“
Од азбуката на Вук Караџиќ се прифатени графемите за буквите љ, њ и џ, а сите останати специфичности се според препораките на Мисирков. Истите букви присутни се и во азбуката на Крсте Петков -Мисирков, но со графички симболи л’ и н’.
Македонската азбука има 31глас (буква), од кои пет се самогласки, а 26 се согласки:
А a Б б В в Г г Д д Ѓ ѓ Е е Ж ж З з Ѕ ѕ И и Ј ј К к Л л
Љ љ М м Н н Њ њ О о П п Р р С с Т т Ќ ќ У у Ф ф Х х
Ц ц Ч ч Џ џ Ш ш
Нашиот великан Блаже Конески, чиишто заслуги за создавањето на македонската азбука и кодификацијата на македонскиот јазик се огромни, во една прилика беше рекол дека:
„Јазикот е нашата најкомплетна татковина“.
Според Конески, со азбуката и правописот се стави крај на стихијноста во развитокот на нашиот литературен јазик и се направи решителен чекор кон неговото унифицирање!
Нека ни е честит и вечен Денот на нашата македонска азбука!